website statistics



19. 04. 2017 16:28

Поројни дождови, грмежи и силен ветер попладне и вечерва

Поројни дождови, грмежи и силен ветер попладне и вечерва

Доцна попладнево и во вечерните часови пообилни врнежи се очекуваат во северните и во источните делови од земјава, каде локално ќе бидат поројни и проследени со грмежи.

На места се очекува да наврнат и над 25 л/м2 дожд. Ќе дува засилен ветер од јужен и југозападен правец, кој постепено до крајот на денот насекаде ќе се смени во западен и северозападен. Во ноќните часови под влијание на студен атмосферски фронт проследен со спуштање на студен воздух од север ќе настапи нагло заладување, а на планините врнежите ќе преминат во снег, но ќе слабеат и престануваат, - соопштуваат од УХМР.

Утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со локални слаби врнежи од дожд, а на планините ќе провејува снег. Ќе дува засилен ветер од западен и северозападен правец, а најсилен се очекува да биде во југозападните и јужните делови од земјава (на моменти со брзина и над 90 км/час). Дневната температура ќе достигне од 8 до 16 степени.

Во петок ќе биде суво, студено и ветровито, а ветерот ќе биде северозападен и особено изразен вдолж Повардарието. Дневната температура дополнително ќе се намали и ќе достигне од 6 до 13 степени.

Значително ќе опадне и утринската температура, особено за време на викендот кога ќе дојде до разведрување и намалување на брзината ветерот, па минималната температура на повеќе места ќе биде околу или под нулата. Дневната температура од сабота ќе биде во пораст.