website statistics



14. 04. 2018 16:19

Од „Свети Ѓорѓи“ започна одбележувањето на Европска година на културно наследство

Од „Свети Ѓорѓи“ започна одбележувањето на Европска година на културно наследство

Од пред црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане синоќа започна одбележувањето на 2018 Европска година на културно наследство во Република Македонија.

  Со средства од делегацијата на Европската унија, здружението „Извор“ од Кратово организираше музичко-поетска вечер на која присуствуваа евроамбасадорот Самуил Жбогар и министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

„Организаторите одбрале волшебна локација за првата музичко-поетска вечер од овој караван. Европската унија му придава голема важност на културното наследство и затоа инвестира големи средства за неговата заштита. Оваа црква е еден од многуте примери на вашето богато културно наследство, кое е дел од заедничкото европски наследство“- рече амбасадорот Жбогар на отворањето на манифестацијата.

Амбасадорот потсети дека Европската унија обезбеди пари за реконструкција на комплексот на црквата „Свети Ѓорѓи“, која дава одлична можност за туристички и економски развој на регионот.

 Според министерот Алаѓазовски, Република Македонија како и останатите земји во ЕУ својот идентитет го темели на културното наследство, а токму црквата во Старо Нагоричане посвететна на „Свети Ѓорѓи“ поседува уникатни историско-уметнички вредности, и со тоа покажува дека е дел не само од нашето туку и од европското културно наследство.

„Културното наследство е она преку кое се идентификуваме, се запознаваме, комуницираме, се зближуваме. Тоа е дел од нашето минато и од нашето секојдневие и иднина. Културното наследство ни припаѓа на сите. Затоа заеднички треба да ја градиме нашата граѓанска свест, нашата одговорност и однос кон различните манифестации за културно наследство“,- рече министерот.

 Во проектот се вклучени повеќе музичари, поети, солисти, групи и актери, а покрај во Старо Нагоричане, ќе се одржи и во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, локалитетот Кулкици и Кратово.

По завршување на манифестацијата високите гости је посетија црквата „Свети Ѓорѓи“.

Од „Свети Ѓорѓи“ започна одбележувањето на Европска година на културно наследство