website statistics



20. 10. 2017 20:24

„Браќа Миладиновци“ и Гимназија победници на квизот за противпожарна заштита

„Браќа Миладиновци“ и Гимназија победници на квизот за противпожарна заштита

Учениците од основното училиште „Браќа Миладиновци“ и Гимназијата „Гоце Делчев“, беа најдобри на општинскиот натпревар по противпожарна заштита што денеска се одржа во основното училиште „Вук Караџиќ„ во Куманово.

Квизот се организира по 33 пат, а учествуваа 9 екипи од основните училишта и 5 екипи од средните училишта. Најдобрите ќе го претставуваат градот на државниот натпревар, кој ќе се одржи на средината на декември во Куманово.

„Учениците ова натпреварување го сфаќаат сериозно и многу се заинтересирани за оваа тема, секогаш даваат добри резултати, а така беше и оваа година. Очекуваме да бидеме победници и на државниот натпревар“, - изјави Часлав Јовановиќ, потпретседател на Противпожарен сојуз на Македонија и секретар на ОПСК.

Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој нагласи дека квизот дава можност за едукација и превенција за заштитата од пожари.

„Она што можам денеска да го констатирам е дека меѓу натпреварувачите има машки, но и девојчиња. Можеби ова ќе биде потик во иднина да ја добиеме и првата жена пожарникар во општина Куманово. Воедно ја користа оваа прилика да им честитам на организаторите на манифестацијата, а на учесниците да им посакам успех“, - изјави Димитриевски.

Претседателот на Противпожарен сојуз Куманово Марјан Денковски, го истакна значењето за развивањето на свеста кај заедницата за борбата со пожарите како на отворено, така и во објектите, потсетувајќи на пожарите со катастрофални последици кои годинава се случија кај нас и во светот.

„За да не се случи тоа, ние како невладина организација се обидуваме да ја подигнеме свеста кај најмладите преку овој квиз натпревар. До сега многу успешно тоа се одвиваше и нашите учесници од предходниот период се активни пожарникари или во некои други институции што се занимаваат со заштита и спасување, - изјави Денковски.

Квизот е во организација на Противпожарен сојуз на Македонија (ПСМ), Општинскиот противпожарен сојуз на Куманово (ОПСК), заедно со локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување.

„Браќа Миладиновци“ и Гимназија победници на квизот за противпожарна заштита