website statistics



01. 06. 2017 12:29

РК Карпош Вардар организира нов турнир во ракомет

РК Карпош Вардар организира нов турнир во ракомет

Ракометниот клуб Карпош Вардар организира нов ракометен турнир под називот „Карпош 2017“ каде што учество ќе земат пет екипи од ракометната академија на Вардар.

Под мотото „Куманово сака ракомет“ во недела во салата на економското училиште тимовите на Ѓорче, Урдаревски, Кузман, Тетово и домаќинот Карпош ќе одиграат натпревари во машка и женска конкуренција.

Женските екипи се на возраст до 16 години, и силите ќе ги вркстат Урдаревски, Кузман, Тетово и Карпош. Во машка конкуренција покрај домаќинот ќе настапат тимовите на Тетово, Урдаревски и Ѓорче со генерација на ракометари родени 2004 и помали.

Ова е втора година како го организираме овој турнир. Нашиот тим имаше одлична сезона, и овие екипи кои ќе настапат во недела освоија втори места во лигата на Вардар. Натпреварите ќе се одиграат најизменично, а одкако ќе ги добиеме финалистите по полуфиналните дуели, учесниците ќе добијат оброк а после финалето ќе следува и ужина. Наградите на најдобрите ќе ги доделува Наумче Мојсовски, а на отворањето свој настап ќе има и Мартинијан Кириловски - изјави Миодраг Јовановски - Црни, тренер во РК Вардар.

Академијата на Карпош Вардар не ги заборави и ветераните на овој спорт, па во недела ќе биднат доделени благодарници на сите поранешни репрезентативки од Куманово, за оставање на трајни вредности за ракометот во Куманово.

Покрај признание за поранешните репрезентативки сакаме да одадеме почит и на поранешните судии од Куманово кои се биле меѓу подобрите арбитри во поранешна Југославија, а денеска сме во ситуација да немаме ниту еден судија од Куманово. Ванчо Поповски, Столе Антевски, Илија Крстевски, Томе Величковски, Слободан Јовановски и Среќко Стошевски се пензионирани судии, но токму тие ќе ги судат финалните дуели, како едно признание за нивните богати кариери - додаде Јовановски.

Од клубот ги повикуваат сите љубители на ракометот да дојдат на турнирот и да уживаат на овој настан.

Натпреварите започнуваат во недела во 10 часот во салата на економското училиште Перо Наков.

Фото: www.rkvardar.mk / Денис Дуковски