website statistics



КУМАНОВСКИТЕ „ЧЕТИРИ БАНДЕРЕ“

    Речиси по шеесетина години   во еден мал сегмент  од  градскиот плоштад во Куманово, кој изникна некаде на почетокот на шеесетите години од минатпото столетие на местото на старата кумановска чаршија, се вратија познатите  “Четири бандере”.

 Можеби не токму  на местото каде што  беа поствени  некаде во втората деценија на 19 век, меѓутоа сигурно во непосредна близина на старото место и овој пат,  не во некоја практична функција како што тоа беа во минатото,  ами  на пиедастал, од нерѓосуван челик, во  убава фонтана  опркужени со  вода, со светло во разни бои ,   како симбол на едно време  изминато, кое што на кумановчаните многу им значи. Зашто  кумановските “Четири бандере” беа во средиштето на старата кумановска чаршија, на аголот пред  Дишковиот колонијален дуќан, на самиот влез во познатото  “Опаначарско сокаче” каде од двете страни беа подредни  опинчарите и јажарите, прошарани со по некој тенекџиски дуќан. Додека  зад нив, од лево и од десно  беа ситните дуќанчиња на  трошната чаршија , пред нив  беше  уште попознатата Тумба на која  се случуваа најессенцијалните  нешта на градот. Тука  во пазарните денови врвеше од народ, селаните се слеваа во средиштето на градот  најмногу преку  Нагоричкиот сокак, на Тумба се пазареше се и сешто… На овој широк простор многу често беа распнати циркуските шатри, се организираа атлетски трки, разни дефилеа  и други спортски манифестации… Но да се вратиме ние на четирите бандери.

    Конкретни податоци токму за четирите бандери не се регистрирани во пишуваните изворите од кои ги црпеме податоците за “култните” нешта во Куманово. Меѓутоа со сигурност може да се констатира дека тие се поставени на споменатото место во средината на  дваесеттите години на минатото столетие,  кога градот  офиџијално  ја добива својата електрична струја и се осветлуваат неговите главни  улици и плоштади , како и  приватни домови на семејства, се разбира   кои можеле тоа да си го дозволат.Инаку до тогаш градските улици се осветлувале со петролеј, односно фенери кои биле постевни на дрвени столбови долж  поважните градски улици. Впрочем за овој настан се располага со валидни податоци.

    Иницијативата за електрификација на Куманово била покрената на седниците на  Општинскиот одбор на тогашниот Суд на општината Куманово, поконкретно на 15 фебруари 1926 година кога одборниците биле информирани за понудата  од страна на  Лесковачката централна банка за реализација  на овој зафат. По консултација со општинскиот инж. Владимир Антонов, Одборот формирал   Комисија во која членувале: Владимир Антонов и одборниците,  Јован Радовиќ, Зија Беговиќ, Тома Глигоријевиќ, Теодос Маневиќ и Јован Младеновиќ  и која по разговорите со споменатата Банка  распишале конкурс, а на седницата од 18 април 1926 година,   одборниците концесијата за електрификација на Куманово му ја  повериле на лесковачкиот индустрјалец Живко Стоиљковиќ, кој со својот капитал веќе бил присутен во Куманово  каде имал инсталиран Млин на парен погон.

    Во сочуваниот договор помеѓу Општината Куманово и индустријалецот Живко Стоиљковиќ, кој бил склучен во  Начелството на Срез Жеглиговски на 5 јули 1926 година , меѓу другото било зацртано дека  Општината му го отстапува правото на Живко Стоиљковиќ за снабдување на градот со електрично осветление и електична моторна сила за време од 15 години и за тоа време никој не може, па ни општината да го има оваа право на концесија… Освен тоа Концесионерот се обврзувал  да во рок од  4 до 5 месеци, во зградата на неговиот млин ги подигне сите постројки и машини за производство на електрична енергија за просечно напојување на 4.000 светилки од 15 до 25 Њ,  како и изработка на целокупната развојна мрежа на улиците означени во планот и во предвидениот рок… Исто така концесионерот се обврзувал да ја изгради потребната арматура за  уличното осветление, а напонот  секогаш морал да биде 220Њ , а во случај на прекид на електрично осветление по вина  на концесионерот , истиот морал да плати општинска казна… Интересни биле ставките од овој договор за цената на електричната струја која за приватни домови , во колку имале струјомер изнесувала по 5 динари, додека оние кои плаќала паушално се одлучило  за едно сијалично место од 10Њ  да се плаќа по 8 динари, за 16Њ по 12 динари и т.н….

    Овој интересен договор за една од првите концесии во Куманово по создавањето на Кралството  на СХС, бил верификуван на 7 јули 1926 година со што и практично почнале работите  за осветлување на Куманово со електрична струја. Електричната централа била сместена во зградата каде што  бил Млинот на Живко Стоиљковиќ, односно  сеганиве згради на “Жито Мел” кои  во  процесот на национализација по Втората светска војна се  одземени од семсјтвото Стоиљковиќ во интерес на државата.

    Електричната централа и мрежата со  дрвените столбови ( бандерите) биле готови во ноември 1926 година, поточно на  14 ноември, кога системот бил даден во употреба согласно решението на тогашното Министерството  за индустрија и трговија  на Кралството на СХС од Белград.

    Оваа приказна за осветлуцањето ана Куманово со електрична струја на некој начин бевме принудени да ја презентираме бидејќи преку овој чин градот ги стекна споменатите  “Четири бандери” . Имено за целосно исполнување на обврските од  договорот потпишан со Општината, концесионарот меѓу другото морал да постави дрвени столбови (бандери) долж главните кумановски сокаци и на Тумба  на кои се поставувале  жиците за пренос на струјата, како и електричните светилки за осветлување. Во таа функција биле поствени и четирите бандери пред Опинчарскиот сокак,  кои покрај вообичаената улога морале  во горниот дел на малата платформа  да носат и еден трансаформатор. Затоа и биле четири, а не една или две… ПО наши сознанија  споменатите четири бандери останале на  работ на Тумба некаде до средината на педесетите години кога на нивно место се поставува една бандера со неонско осветление, а сигурно во тој период престанала потребата од трансформаторот кој бил поставен на бандерите.. Подиоцна кога во почетокот на  шеесетите години се руши и  последното сочувано парче од старата чаршија, нестанува Опинчарскиот сокак и Зелениот  пазар,  а на тоа место се гради Стоковната куќа НАМА , се губи и споменатата бандера со неонско осветление, односно последната асоцијација на поранешните четири бандери…

    Четирите бандери  егзистирале во Куманово околу триесетина години, меѓутоа останале забележани во колктивното паметење на градот   и покрај пространата Тумба на некој начин симбол за препознавање на Куманово. Можеби во една шегобијна конотација, но долго време Куманово непосредно се врзуваше  за   Тумба и четирите бандери…

    Денес по токму 88 години од првото поставување, односно педесетина години по нивното демонтирање  кумановските “Четири бандери” се повторно на Градскиот плоштад, но овој пат, како што споменавме на почетокит, во еден  поинаков имиџ  и сосема друга  роља…

КУМАНОВСКИТЕ „ЧЕТИРИ БАНДЕРЕ“ Димитар Масевски
Авторот е главен уредник на списанието „Корени“