website statistics



Кумановски идентитет

Куманово се разликува од останатите градови во земјата не само по јазикот, туку и по карактерните белези на кумановецот, неговиот менталитет, културата и наследството што се напластувало низ вековите.

Во овој текст би сакал да прозбориме за нашиот кумановски идентитет, односно идентитетските карактеристики на Куманово, по што градот ни е препознатлив и се разликува од другите градови. Впрочем како секој од нас како поединци, како народите, државите... По тој однос, по различноста на Куманово од останатите средини во земјава градот ни, како да предничи. Не е само во прашање јазикот кој се среќава тука во Македонија и го нема повеќе, туку и карактерните белези на кумановецот, неговиот менталитет, културата и наследството што се напластувало низ вековите.    

Српскиот книжевник Станислав Краков,  минувајки 1926 година и опишувајќи го Куманово, ги споменува, меѓу другото и браќата Драгаши прашувајќи се дали  кумановците воопшто нешто знаат за нив, и за нивниот татко, севестократорот Деан, кој владеел со кумановските простори, а од овој период кај Вук Караџиќ во контекст на истите нешта бележиме „ У бијеломе граду Куманову, онѓе беше Костадине бего“

Ете можеби од тука некаде, 14 век и владеењето на Србите со Македонија, можеме да почнеме и да ги нотираме сегментите на кумановскиот идентитет. За жал освен овие прекрасни историкси ликови кои делумно можеме да си ги припишеме,  еден подолг период, на таа вертикала во историјата, немаме некои позначајни личности, а и настани кои би создале лузна на идентитетското лице на Куманово.       

Во тој контекст, мошне карактеристична е градбата на кумановскиот идентитет, главно запишан во последните сто и педесетина години, со посебен акцент на минатиот век. Додуша карактерни белези, кои некои други пред нас ни ги оставиле како ние би го продлжиле тој континуитет. За жал многу малку знаеме за кумановскиот идентитет во 18, па и 19-тиот век, а да не зборуваме за годините и времињата пред тоа. Ги следиме нештата откако изнајдовме одредени извори или историографски трудови кои зборуваат за нас и не сликаат како град и негови граѓани. Цениме дека„ сликата“ е добра апропо кусата патека која Куманово ја има изодено како урбана градска средина. Добра е зошто градот прескокнал времиња за да многу бргу, уште во крајот на 19 век со својот развој ги надмине околните градски центри. Впрочем период кога случувањата му го полнеле Сивито, му ги збогатувале вештините и знаењата и профилирале кумановец кој имал нешто што привлекува, иако токму поради кусиот пат, сеуште е сиромашен и му недостасуваат многу карактеристики и познавања, како на еден  битолчанец, скопјанец или штипјанец од тој почеток на најкрвавиот век во претходниот милениум.

Од каде, кај кумановецот толку вештини и знаења ако тврдиме дека „ градскиот“ пат му е кус? Не мора да е така како што ние велиме, но, дојденците кои во првите дваесет години на минатото столетие го населуваат градот се значаен фактор во „градбата„ на кумановскиот идентитет, кој станува белег на кумановецот, препознатлив и прифатлив од останатите. Доселените Муаџири од просторите на Србија по Српско турските војни од 1876-78 г., Власи од Крушево, чие потекло е од москополските предели, по Илинденското востание носат во Куманово многу нешта кои го збогатија знаењето на градот, а по нив, по Балканските војни тоа го надградуваат дојденците од Велес и Башиносело, потоа  руската колонија, познатите белогардејци, која  преку инженерскиот и просветниот кадар значително влијаеала на идентитескиот дискурс на Куманово. Пироќанскиот корпус кој населува дел од Куманово и кој со себе ги донесува знаењата во млекарството и грнчарството се во градува во споменатиот карактер во чиј фундамент е трудољубивоста и економичноста. ...     

Место положбата на Куманово била можеби една од причините за постојаната  раздвиженост на луѓето од овие простори, нивно мигрирање и имигрирање, отселување и населување. Историографските податоци ни говорат дека во одредени периоди, посебно во втората половина на 19 век Куманово масовно беше населувано од Черкези, Татари, Муаџири, за да по 1903 година започне процесот на населување на горе споменатите групации кои граделе една друга квалитетна идентитетската структура на градот, поинаква од онаа која можеле да ја градат домородните кумановци и населуваните азијати.

Уште подлабоко, минатото не соочува и со зголемено присутсво на Албанци на овие простори кое посебно се манифестира во почетокот на 18 век кога по  неуспешното Карпошево востание,бидејќи од 1689 година се празнат овие простори од христијанско  население.

Сепак, како и да ги набљудуваме и изучуваме нештата барајќи идентитетски белези кои поблиску би биле до една или друга етничка заедница или религиозна група, во фундаментот на овој град, во неговата основа лежи мултикултурата, заеднички живот на луѓе со различна етничка припадност и религии.. Зашто да не заборавиме, дека најстарите досега пронајдени и сочувани документи, за Куманово како населено место се турските пописни дефтери од 16 век, во кои регистрираното село Куманово било населено со 33 семејства и една вдовица христијани, 19 семејства и 4 неженети  муслимани,  која што структура не е речиси во ништо  променета до денес и покрај усилбите од поедини етникуми тоа да не биде така.Само една мала дигресија од историјата: познатиот македонски историчар, еден од најдобрите ориенталисти на овие простори, кумановецот д-р  Александар Стојановски го има дешифрирано најстариот документ за градот од 1519 година и вели дека во него живееле домородни, македонски христијански семејства и колонизирани муслимански турски семејства.          .

Соодносот на групите низ историјата се менувал, но, во суштина тој останал таков и ја претставува најосновната идентитетска карактеристика на Куманово. Старото кумановско црквиче „Св. Никола“ во кој старешина во 16 век најверојатно бил попот Тодор (прв запишан во пописот од 1550г.) и Татар Синан беговата џамија-Ески џамијата, се темели на кумановскиот идентитет односно симболи на тоа заедничко опстојување на најосновните две религиски групи на овој простор.

Како што за Хрватите, Матија Губец е симбол на непокорот во средновековието, така за нас, Македонците, а и за луѓето кои живееле на овие простори во Северна Македонија,сигурно е водачот на големото востание од 1689 г.- Карпош, „Кралот од Куманово“ како што бил забележан од хроничарите. Пред овој лут јунак и борец против турската тиранија, вреден и значаен за споменување е веќе најавениот во почетокот на овој прилог, севестократорот Дејан, зет на царот Душан кој владеел со Жеглиговската (кумановската) земја пред доаѓање на Турците, односно неговите синови Константин и Јован Драгаши, кои од таа мала жеглигоговска жупа ќе  создадат силна средновековна држава во источниот дел на Макеоднија со седиште во Ќустендил. Помладиот Константин (опеан во песните како Костадин бег) Драгаш со Кралот Марко ќе бидат последните средновековни владетели во Макеоднија (загинуваат во битката кај Ровине, со влашкиот војвода Мирче во 1395 година како вазали на турскиот султан.

Не сме во можности да дадиме некои значајни белези на Куманово и Кумановскиот крај во 18, па и почетокот на 19 век, кога на овие простори е присутна тиранијата на османлиите, исламизирање на населението од што и белегот на градот во тој период се сведува на една обична заостаната турска касаба. Валкано место како што ќе запише рускиот патеписец Тимаев во 1876 година, кој што, минувајќи низ Куманово го регистрирал градењето на населбата за населување на кримските Татари кои бегале пред руските воини. За таа намена била пробиена и трасирана денешната улица Христијан Карпош, која по руско турските војни во втората половина на 19 век, се викала Татар маало.

Во втората половина на векот се раздвижува чаршијата, се создаава чаршиско еснафскиот слој, луѓето почнуваат да се збогатуваат и на повидок излегува граѓанската класа на Куманово. А таа пак си носи со себе свои белези: школување на децата вон Куманово, во Софија, Белград и посебно во Солун, изградба на јавни објекти веќе нужни за градското население, градење на црквата „Свети Никола“ на темелите на малото црквиче од турскиот период, а поради разединетоста на населението „како резултат на српската и бугарската пропаганда“, уште една црква, „Св. Троица“ за оние кои биле поблизу до српската кауза. Од овој период, кој навлегува во втората половина на 19 век веќе имаме личности за кои може да се каже дека се издвојуваат од мнозинството и со своите активности, независно на кој план, го туркаат градот напред, го прават навистина пристојно место за живеење. Тогаш  се интензивира размислата за нациоослободително движење и борба за ослободување од османлиите- се формира огранокот на ТМОРО 1894 година, а кумановските комити заедно со своите војводи земаат активно учество во тие борбени дејствија кои се карактеритични за периодот по неуспехот на Илинденското востание 1903 година.

И покрај развојот на занаетчиството и трговијата, појавата на првите манифактурни работилници во Куманово, дури по Балканските војни и создавањето на Кралството на СХС 1918 година ќе започне еден процес кога дефинитивно започнува да се профилира неговиот препознатлив идентитет кој го воздигна меѓу најпросперитетни градови, пристојни за населување и живеење меѓу двете светски војни. При ова не треба да се дистанцираме од политиката на Белград.

Тогаш, меѓу другите во градот делува Ѓорги Малински, првиот есперантист  на Балканот, и меѓу првите фотографи (од 1903 година има регистрирана дејност), и дописник на некои беградски весници ...

За време на Кралството Југослвија, Куманово беше почитуван град чиј рејтинг посебно се издигна по славната, за тогашната власт, Кумановска битка од Првата балканска војна 1912 година. Од тука можеби и интензивната градителска  активност во Куманово во периодот помеѓу двете светски војни на што кумувале и приликите, преди се доаѓањето на луѓе –кадри кои го подигнале неговото интелектуално ниво. Впрочем во тие први децении на 20 век го бележиме во градот присуството на писателот Васил Иљоски,  на музичкиот уметник Трајко Прокопиев, на рускиот инжинер Валдимир Антонов и инженер Кирил Жерновски, на плејада мошне успешни раководители на градот и  вредни занаетчиски мајстори, богати трговци, лекари, културни дејци, кои секој во својот домен и во рамки на своите знаења ја создавале идентитетската плоча на  Куманово,

И додека на едната страна регистрираме подем на Куманово, растеж на неговата економија персонифицирана во занаетчиството и трговијата и првите форми на манифактурно-индустриско производство, на друга страна започнуваат движења за социјална рамноправност, борба против експлоатацијата на работникот и стремеж за подобар живот. Кумановските комунисти организирани во 1919 година во хотел “ Исток“ како и интензивното синдикално движење меѓу двете светски војни се секако силни идентитески белези за Куманово, кои не можат така лесно да се избришат, како што тоа се обидуваат да го направат десните владеачки структури кај нас, по сукцесијата на СФРЈ. Впрочем комунистичкото движење кај нас ја разгоре и организира Народноослободителната и антифашистичката војна и од неговата активност проилезе Првото заседание на АСНОМ и создавање на првата современа македонска држава, тогаш како федерална единка во Федеративна Југославија.

Ако во Илинденскиот период  Куманово беше на маргините во однос на револуционерните активности кои се одвивааа во средишниот и егејскиот дел на Македонија, и се уште срамежливо ги нотира и класифицира своите херои  во периодот на Нардоноослободителната епопеја, тоа  може да биде гордо на своите јунаци, на  своите херои: Мара Нацева, Трајко Бузо, Христијан Карпош, Киро Фетак, Перо Наков, Бајрам Шабани, Боро Папучар, Веселинка Малинска, Лазар Соколов, Панче Пешев, на  несреќно настраданиот по војната Бојан Зафировски Болан и многу други...

Идентитетската плоча на Куманово уште поинтнзивно и поквалитетно се надополнува по Војната, кога кумановската индустрија стана негов најпрофилиран   белег, се изградија хидро акумулациите, вредни капитални објекти на кумановските неимари, кога и покрај многуте перипетии Куманово, со Солтир Путински ја гради делницата на железничката пруга Куманово- Бељаковце, кога на чудесниот Монопол,  алфата и омегата на кумановското стопанство во тој период, му се придружуваат фабриката за шавни цевки,„11 Октомври“, конфекцијата Киро Фетак, ЧИК, Кожара , ЗИК....

А во надградабата успеси на актерите на кумановскиот Театар, но и оние кои отидоа во Скопје...  Чудесната „ Ленче Кумановче“ на кумановскиот театар, хит шлагерите на Петар Пешев во шеесеттите, „Еден бакне“ и „Приспивна за Скопје“, појавата на октетот „Куманово„ врвни рејтинзи на Маргица Антевска, Нино Величковски, но, пред се на неповторливиот диригент и композитор Миодраг Миче Божиновски. Пред тоа Куманово беше гордо на Трајко Прокопиев, Перо Петровски Багламар, Данчо Митревски, Панче Пешев...

Куманово беше гордо и во сферата на информирањето бидејќи во 1941 година го издаде првиот весник во окупирана Македонија „Дедо Иван“, во 1961 година исто така првиот локален весник во слободна Македонија „Наш весник“ за да нештата ги затвори во оваа сфера со пуштање на Радио КУманово во 1964 година односно Телевизија Куманово во 1994 година. За жал, сето тоа остана во историјата...

Многу млади луѓе го надградуваат CV-то на Куманово во децениите поминати, неговите спортисти редеа успеси на сите страни а со старата Соколана и познатите Зимски кошаркарски турнири во педесеттите беше познато низ цела Југославија и пошироко. Велат, бидејќи Куманово бил еден од ретките градови во земјата, кој тогаш имал спортска сала каде и во зимско време можеле да се спортува. Зар за тоа не сведочат гиманстичарите на ДТВ Партизан, професорите Ацо Скакла, Гоце Здравковски, Светозар Аврамовски и многу други, а за тоа не потсетуваат и  извонредните кошаркари од тие децении по војната или пак ракоматерати на ракометниот клуб „Младост„ една мошне успешна симбиоза на градот и младите воени старешини од тогашаната ЈНА. А кога сме кај ЈНА неблагодарно би било да не се спомене Домот на ЈНА, кај што Куманово во шеесеттите и седумдесеттите години ги органзираше сите концерти. Сепак на веќе солидно исполнетата идентитетска плоча на градот со сета светлина и сјај зрачат кумановските олимписки медаљи на Аце Русевски и Реџеп Реџеповски како и онаа од параолимписките игри на Бранислав Јовановски. Тука некаде е и Стоја Спасовска, нашата позната падобранка, и вредните членови на Аеро клубот „Доне Божинов, секогаш на врвот во својата бранша.

Велат дека доживување за граѓаните на Куманово било гостувањето на старото фудбалско игралиште, над сегашниот Зелен пазар, на екипата на белградски „Партизан“ на чело со легендарниот тренер Шпиц, како компензација за одење во неговите редовио на легендарното лево крило на фудбалскиот клуб Куманово, Бранко Шутевски-Шуте. Во овој дел на „теренот“ на фудбалот идентитетската плоча на градот може многу да се збогати, апропо квалитетот што во минатото го имаше кумановскиот фудбал, неговиот висок рејтинг на табелите, фудбалските клубови „11 Октомври, КСК и „Куманово“и познатите фаци; Кимевски- Бале, Мицев, Ванчо Старејко, Енвер, Асан,  Зеко, Вујадин Станојковиќ, Моме Думановски, Мите Атанасовски и многу, многу други.......

    Во сето ова како да ни недостасуваат интелектуалците, би рекле оние од „тежок калибар“, познати доктори на науки кои своите знаења ги подариле на светот, и од него добиле признанија. Фундаментот за таков потенцијал можеби сме создале од поодамна (др Роза Давидовска во Чешка, Миле Андоновски во Белград, Славчо Чумливски...), меѓутоа како тоа квантитативно да се интензивира во последните  децении, посебно во делот на помладите кумановци кои понатаму ќе ја надополнуваат идентитетската плоча на Куманово, пред се на плејадата кумановци, професори на високите школи и универзитети во Скопје, млади бизнисмени кои денес се окосница на кумановското стопанство, но и луѓе кои своите знаење го делат пошироко, на светот.

Нашите истражувања, во кумановското профилио недвосмлено упатуваат дека  кумановскиот идентитет, онаков каков што го знаеме, бар поголемиот дел од нас, кои поголемиот дел од животот го поминавме во него,  е главно профилиран некаде од првите години на 20 век и формирањето на Кралството на СХС и истиот пермнентно се надградува и оформува до осумдесеттите години на минатиот век, кога амплитудите беа високи. Подоцна флуктуацијата си го направи своето, сукцесијата на Југославија и осамостојување на Македонија на некој начин го погоди градот во сите сфери, многу нешта му се разнебитија, го обезличија а новото време сигурно ќе бележи сосема други идентитетски белези.

Во тие шеесеттина години своите вештини и карактери ги здружија во Куманово многу луѓе, со различни погледи и знаења, дојдоа многу „муаџири„ како што рековме, во лицето на Турците од Србија, Власите од Крушево, Русите од Царска Русија, Велешаните и Башиноселците, Пироќанците од прееделите на Стара планина и Пирот, подоцна на Македонците од Егејскиот дел на Македонија... На тие луѓе, и пред се  вредните кумановци, кои интензивно ги учеле вештините и се разбира стекнувале образованија им припаѓа „заслугата“ за спецификата и препознатливоста на кумановецот и неговиот имиџ каде и да оди. Впрочем самиот избор  на петте најуспешну кумановци во 20 век недвосмилено говори за космополитската димензија и таа симбиоза на луѓе кои во даден период се најдоа со своите семејства во овој град и создаваа.

При бележење на можните сегменти  на кумановскиот идентитет, задржувајќи се при тоа на градот како урбана средина кој опстојува на овие простори, сепак би напоменале дека не треба да се заборави дека Куманово се уште е млад град,  неговата место положба и постојаната флуктуација на кадри во поголемите центри и вон земјата, попречиле „усидрување“ на истите  и врзување за овој град, односно личен ангажман за неговиот развој и градење на институции. Впрочем зар она што е присутно денес не зборува за тој дефицит, од такви луѓе, кадри, кои ќе делуваат вон партиите, кои ќе знаат да ги радвижат нештата и овозможат на градот, брз  развој и просперитет.

Уредник на списанието Корени

Димитар Масевски
Авторот е главен уредник на списанието „Корени“