website statistics



КУМАНОВО И КУМАНОВСКИОТ КРАЈ ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ДО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

(3)Одломки од прилогот „Борба за Македонија“ од Димитар Масевски , објавен во списанието „Корени“ бр.27, од 2008 година , кој ги опсервира настаните во Кумановско пред Балканските војни.

УРИЕТОТ ВО КУМАНОВО 1908 ГОДИНА

(Од Спомените на Крсто Лазаров-Коњушки)

Во знак на стогодишнината од Уриетот и Младотурската револуција, која требаше драстично да ги промени состојбите во Македонија и да обезбеди рамноправност на сите етнички групи независно на нивната национална и верска припадност во периодот пред Балканските војни, редакцијата на “Корени” се одучи да помести дел од сеќавањето на Крсто Лазаров -Коњушки, кумановски војвода, речиси во сите нијанси на комитаџилакот, кои непосредно се однесуваат на тие бурни дни кога сите чети и четници, независно дали биле македонски, бугарски ( како што вели во своите сеќавање Крсто Лазаров..), српски, албански или некои други се симнуваат од планините, го оставаат оружјето на страна и се веселат на единството на народите и мирот, толку редок на овие простори. Инаку во сеќавањата Крсто Лазаров Коњушки, борејќи се за и во Македонија, делува строго од бугарски позиции детерминаирајќи ги своите сограѓани во Куманово, кумановските села и семејствата како бугарски..,,, И во оваа прилика ја поместуваме единствената фотографија која што ја имаме од периодот на Уриетот, поточно од 29 јули од 1908 година кога четата на Крсто Лазаров-Коњушки доаѓа во Куманово и заедно со другите чети, граѓани, музика и турски високодостојници го слават Уриетот. Ние, интегралниот текст на “Спомените на Крсто Лазаров”, некаде на 43 страници кои го опфаќаат периодот од 1900 до 1931 година ќе го објавиме во целост во некој од наредните броеви на списанието “Корени” при што на читателот ќе му овозможиме во целост да се запознае со личноста на овој четник и војвода, инаку близок соработник и околиски војвода на Тодор Александров по неговото заседнување на чело на ВМРО, некаде во предвечерието на Балканските војни.

Како што е познато Крсто Лазаров Коњушки е стрелан во јануари 1945 година од новата народна власт заради соработка со бугарскиот фашистички окупатор и како што се вели во воведникот на неговите спомени, за ширењето на бугарофилството во Куманово и Кумановско.

Инаку спомените комплетно се објавени во публикацијата “Премрежињата на македонската револуционерна борба” од др. Зоран Тодоровски во издание на Државниот архив на Македонија.

Како тие настани се одвивале во Куманово од прилогот што следуава:

***

“… И во 1908 година продолживме да ги обиколуваме селата. Никаде не бевме откриени. Тогаш во Скопско дејствуваше Васил Аџаларски, во Штипско- Стојан Мишев, во Кратовско-Јордан Спасов И Запрјанов. Пред Уриетот таму се појавил некаков расцеп. Во планинаската област во Кратовско дејствуваше Запрјанов, Милан Ѓурлаков беше во Св. Николско. Уриетот го затекна Александар Чапата како војвода во Велешко. Сите советувања и собири обично се одржуваа во Кратовско, каде што навраќаше и Даме Груев, во својство на окружен скопски војвода. Точно за време на Уриетот Србите успеаја да го посрбат селото Руѓинце. Жестоката борба помеѓу нас продолжи до Уриетот, а потоа ослабна. Во годините 1906-1907, како што спомнав, јас го обиколував мојот реон и сите бугарски села, на број околу 40-45. Потоа се разболев од сипаници и се вратив во Бугарија. По патот ги сретрнав Петко Пенчев и Павел Христов, кои низ Кратовско и Велешко патуваа за Битолско. Тие беа сами и се движеа од село до село. Ги сретнав во с. Стањевце. Тоа беше во предвечерието на Уриетот.

Јас бев со мојата чета, денот го поминавме заедно, ги издадоа своите наредби и отпатуваа. Кога го напуштив реонот, за мој заменик го оставив Крсте Талев од град Ресен, кого Србите го убија при првото нивно доаѓање во Македонија , 1913 година. Кога пристигнав во Бугарија, разбрав дека во Битола се објавил Уриетот. Тоа за прв пат го слушнав од Власи овчари на Осогово, кои расправаа дека во Битола бил убиен Шемши -паша. Но подробно ништо не можев да разберам. Одвај по неколку дена, кога пристигнав во Бугарија, научив за настанот и преку Ќустендил со пајтон заминав за Куманово. Мојата чета се уште не беше слегла во градот, А Кратовската и Штипската беа слезени по градовите. Моите четници ме очекуваа за да ги поведам кон градот. Мојата чета тогаш броеше 6-7 души. Ги сретнав во с. Орашец- Кумановско, од каде се упативме кон градот, каде што бевме срдечно пречекани. Од Бугарија до Куманово патував со турски официри. Со мене во пајтонот за Македонија патуваше и еден бивш четник од с. Трстеник, по име Мирче. При нашиот пречек, во име на граѓаните говореа Архиерејскиот намесник, Давид Ноков, Георги Малински и Монов. Два дена по моето пристигнување од Бугарија, во Куманово влегоа и српските чети. Тие беа поздравени од Монев, Думановски и свештеникот Давид Ноков. Последниов одлично го владееше турскиот јазик и тој беше на чело на групата скопјани, која отиде во Солун. Свештеникот Ноков се разболел од радост. По една недела дојдоа од Србија и српските чети. Тогаш дојдоа Коста Пеќанац, Георги Скопјанчето, Јован Довезенски и Мицко Стариот. Цела недела за време на Уриетот пиевме и јадевме, с# на турска сметка и потоа се легализиравме. Како легален, јас бев од 16 јули 1908 година до Коледе 1909 година. За време на Уриетот слегоа и сите чети качаци, Турци и Арнаути. Така на пример, градот Скопје се наполнил со качаци. Такви слегоа и во Куманово Турците наскоро издадоа закон за безделништво, кој беше насочен против нас, зашто уште не бевме се зафатиле со работа. Турците му измислија на Милан Ѓурлуков клевета и го пикнаа во затвор. Го обвинија за убиство. Во Кумановско, во село Стањевци, се случи убиство, па Турците го фатија Ѓурлуков и го уапсија. Во Скопје беше убиен Васил Аџиларски. Положбата, од ден во ден, почна да се влошува..

Наскоро во Куманово, заради насилство од страна на еден Турчин , се одржа голем митинг. Причината беше следна: Еден турски бег посака да ги затвори прозорците на околните бугарски куќи, кои гледаа во неговиот двор. Бугарите одбија да го сторат тоа и еден ден бегот се качил и почнал сам да ги заѕидува прозорците Тоа даде повод да се свика митинг, на кој зедоа учество и србоманите. Се држеа говори, а митингот беше предводен од учителот Ангел Георгиев којшто, потоа, требаше да избега. Власта обвини некои граѓани, но мене се уште не ме прогонија. Но, плашејќи се да не паднам в затвор, една ноќ го напуштив Куманово и заедно со Кралев избегавме во едно кумановско село, каде по еден канал дојдовме во Бугарија. Пролетта повторно се зафатив со четништво. Сега тоа беше во потешки услови. Турците презедоа посериозни мерки. Настапи акција за разоружување и по селата се упати многу војска. ..”

Инаку по Уриетот 1908 година борбите продолжија, но веќе со многу послаб интензитет.Се имаше впечаток дека резултатите се тие, такви какви што се и како да се исчекуваше она што многу набргу ќе се случи - Балканските војни . Како и да е српската вооружена пропаганда на разни начини, со сите можни средства, постигна завидни резултати , а пропо главната цел- создавање на интересни сфери во Македонија, како можен старт во некои идни преговори и договори. Таа имаше силно влијание меѓу христијанското население во добар дел од Македонија, посебно во кривопаланачка, кумановска, скопска, велешка, прилепска, крушевска и кичевска околија. На денот на потпишувањето на Уриетот српските чети ги држеле сите мостобрани на реката Вардар со што цела западна Македонија од Патерица на српско-бугарска -турска тромеѓа, па до северното крајбрежје на Охридско Езеро била под нивно влијание, нагласува С. СимиЌ во својата книга „Српска револуционерна органзиација..“ Оваа линија беше составен дел на српско- бугарскиот договор, во квечерината на Балканските војни, нешто што никој не можеше да претпостави дека може да се случи, односно Србија и Бугарија да се согласат и склучат договор. Тоа во случајот беше горе споменатата линија за поделба на Македонија пред бурните настани во 1912 година..

*****

МАКЕДОНИЈА и во случајов беше причина за подигање на адреналинот кај овие народи. Додека пред тоа речиси четири децении се бореа за МАКЕДОНИЈА, во 1912 година истите дадоа рака еден на друг, ги договорија квотите и се согласија-повторно за Македнија. Што беше причината да дојде до толку неочекуван пресврт во односите помеѓу Бугарија и Србија, Бугарите се откажат од влијание во Прешево, Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга кои во времето на Младотурската револуција беа под силно влијание на Србите и рака на срце што подалеку од влијанието на Македонската револуционерна организација или врховизмот. Балканските војни 1912 година сосема ги разоткрија лицата на соседите на Македонија. Нивната алчност и византиските игри во што своја улога одигра и Турција не овозможувајќи да се реализира членот 23 од Берлинскиот договор со кој Турција на Македонија требаше да и даде политичка автономија. Дали ова и тогаш беше игра на големите сили? По Балканските војни, Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година ги реши сите дилеми со Македонија. Моќните Европјани и тогаш како и сега се поиграа со Македонија , ја омаловажија нејзината борба, и на зелена маса ја распарчија со што ги удоволија апетитите на соседите на Македонија- Србија, Бугарија, Грција, и Албанија, надевајќи се дека го затвораат за век и веков македонското прашање и дека Македонија никогаш повеќе нема да биде јаболка на раздорот... Во тие букурешки мигови 1913 година тие воопшто не помислија дека многу бргу на овие простори ќе се појават некои други македонски револуционери - комунистите, кои заесдно со македонскиот народ ќе најдат сили пред целиот антифашистички свет да ја издвојат посебоста на македонскиот народ и по четиригодишната народноослободителна и антифашистичка епопеја 1941-1945 година, ја формираат Асномска, Федерална Македонија, современа македонска држава изникната на „Свети Илија“ 1944 година во манастирот „Свети Отец Прохор Пчински“ во кањонот на реката Пчиња. Тоа беше круната на долгата борба на Македонците за своето место под сонце , БОРБА ЗА МАКЕДОНИЈА , која ја спои онаа, на македонските револуционери од крајот на 19 и првата деценија на 20 век, со Народноослободителната борба на партизаните од Антифашистичката војна и, на една третина од Македонија, ја создадоа првата, по Самоила, македонска држава.

* И во овој дел од “Спомените ..” Крсто Лазаров , македонските, христијанските граѓани, куќи или села во Куманово и Кумановско ги нарекува бугарски или Бугари, додека оние кои биле против нивните гледишта србомански или Србомани.

Димитар Масевски
Авторот е главен уредник на списанието „Корени“