website statistics



ХОТЕЛИ ВО КУМАНОВО ПРЕД ВОЈНАТА

Одломка од публикацијата „КУМАНОВСКА КАФЕАНА“ од Димитар Масевски објавена во списанието „Корени“ бр. 50

Освен хотелот „Гранд“, кој се смета за еден од првите кумановски хотели за кој пишувавме во еден од сегментите на РЕТРОСПЕКТИВА би сакале нешто да додадеме за останатите значајни хотели во Куманово пред Втората светска војна . Тука пред се би се осврнале на хотелот „Србија“ (во турски период „Солун“) и култниот хотел „Куманово“

Вториот хотел кој бил изграден во турскиот период, некаде во првата деценија на 20 век, бил хотелот „Солун“. Бил во сопственост на богатиот тетовски кафеџија Премче Пандуловиќ. По кажувањето на стариот кумановец Трајко Левков, во изградба на овој хотел учествуавал и братот на Премче, Трифун како и двајца богати луѓе кои беа на печалба во Америка. Интересно е да се одбележи дека Премче бил осуден од страна на турските власти на 101 година робија, но со време успеал да се откупи.

Хотелот „Солун“ се состоеше од соби за спиење на кат, простран ресторан во приземјето, а во големиот подрум беше сместена мразарница. По 1903 година хотел „Солун“ го преземаат и работата долго време ја обавуваа познатите браќа Тома, власи од Крушево, кои по Илинденското востание се населуваат во Куманово и ја купуваат куќата од семејството Соларци која и денес постои на Серава и во која по 1905 година било сместено и влашкото училиште и црквата „Благовештение“.

Во хотелот „Солун“ била извршена првата кинопроекција во Куманово и тоа, како што наведува Миодраг Ардовски Болто, во својот текст за првите кумановски кина, објавен во списанието „Корени“ (12/2004), во 1917/18 година од некој Турчин од Скопје по име Шајтан оџа кој заедно со кумановецот Цветко Дољкин организирале неколку престави во градот.

По Првата светска војна и создавањето на Кралството на СХС во 1918 година, хотелот „Солун“ бил преименуван во хотел „Србија“.

Во историјата на Куманово овој објект е познат по тоа што на 24 септември 1919 година во оваа зграда е формиран огранокот на Социјалистичка работничка партија (комунисти) (СРП(к)).

Во 1934 година хотелот „Србија“ и понатаму е во сопственост на браќата Трифун и Премче Пандиловиќ, како што е запишано во Деталната скица на Регулациониот план на град Куманово, додека со него стопансувале разни угостители. Од нив најдолго се задржал познатиот кумановски угостител Божин Анѓелковиќ-Камбанка.

Дел од зградата на овој реномиран угостителски објект од минатото на Куманово, бил национализиран во 1948 година, постои и денес на почетокот на Нагоричкиот сокак и во него се сместени здружението на воените ветерани со сојузот на резервните воени старешини.

Освен двата споменати хотели во градот уште од турско,( „Гранд“ и „Солун“) а потоа и од времето на двете окупации по Балканските војни, српската, од 1912-1915 и бугарската, 1915-1918 егзистирале повеќе угостителски објекти. Од сочуваните архивски материјали може да се забележи дека континуитетот во угостителството во Куманово, по формирањето на Кралството на СХС во 1918 година, продолжува со ист интензитет во однос на претходните периоди. Во август 1919 година, во градот се „затекнале“ 35 угостителски објекти.

Но, да се вратиме на хотелите. По еден извештај на пододборот на кумановското Здружение за гостилничари, хотелиери и кафеџии од 1923 година може да се види дека во Куманово постоеле повеќе хотели , се разбира кои ни одалеку не биле со таков капацитет за да ги покријат потребите на петнаесетилјадниот град, бидејќи не ги задоволувале ни најпосновните критериуми за вакви објекти. Во документацијата на ова здружение може да се забележи дека во 1923 година имало неколку хотели во Куманово и тоа : хотел „Казино“ на Никола Биризимовиќ, „Соларски ан“ (подоцна, по 1932 година ќе се јави како хотел „Солун“) на Христо и Петар Николиќ, хотел „Централ“ на Младен Петковиќ, хотел „Ниш“ (подоцна „Мостар“) на Михаил Пуриќ, хотел „Србија“ на Јосиф Стефановиќ, хотел „Вардар“ на браќата Томиќ, хотел „Победа“ на Василије Поповиќ , хотел „Скопје“ на Михајло Ѓорѓевиќ и хотел „Пирот“ на Илија Манчиќ...

Дел од наведените угостители се и сопственици на објектите, а дел се само закупци.

Се разбира хотелите од тоа време ниту приближно можат да се замислат како подоцнежните, туку се уште се на преминот од анови во хотели. Располагле со една или повеќе соби за преноќиште, кујна и двор за добиток...

Интересна беше состојбата со хотелите во Куманово., некаде по четири години иако поголемиот дел од нив се уште беа во фаза на трансформација од поранешните анови, а во еден извештај од 21.11.1927 година на горе споменатиот „Подобор на хотелиери...“ во Куманово е забележано дека во градот има 15 угостителски објекти- хотели „који примају путнике на преноќиште“ и тоа: хотел „Србија“ на хотелиерот Божин Анѓеловиќ со 14 кревети; „Гранд“ на Љатиф бег Џавитбеговиќ, со 9 кревети; хотел „Едисон“ на Милојко Дуниќ, со 12 кревети; хотел „Победа“ на Милан Поповиќ, со 14 кревети; „Европа“ на Јован Јовиќ, со 7 кревети; хотел „Вардар“ на Ташко и Никола Томиќ, со 6 кревети; хотел „Империјал“ на Данаило Пешиќ, со 6 кревети; „Скопје“ на Асан Аџековиќ, со 14 кревети; хотел „Ниш“ на Чедо Прокиќ, со 11 кревети.

Освен наведените хотели, соби за ноќевање, издавале и кафеаните „Српски Краљеви“ на Јордан Бојковиќ, „Београд“ на Атанас Ѓорѓевиќ, „Нови Сад“ на Вуксан Михајловиќ и „Смирна“ на Јаќим Бончиќ со вкупно 24 кревети.

Во споменатиот извештај се констатира дека во градот има и други угостители кои издаваат соби за ноќевање, но, и споменатите, и овие, не се од прв ред, за прием на подобри гости. Од тука констатираат, дека на градот му треба еден хотел од 25 соби, како и еден хотел во Проевце каде има кисела, минерална вода која е еднаква со онаа во Катланово или во Аранѓеловац.

Ни се чини проблеми кои ги има и денес Куманово, со таа разлика што сега градот брои преку 100.000 жители, а тогаш околу 15.000.

Уште повеќе што околу 10 октомври 1932 година, со Одлука на Општинскиот одбор на Судот на општина Куманово, Куманово го менува својот статус и од ВАРОШ, прераснува во ГРАД, што со себе носи поголеми обврски и одговорност.

Потребата на градот од репрезентативен хотел ќе се обиде да ја реши кумановскиот угостител Васа Поповиќ (1879-1974) , кој на местото старата турска кафеана , а и хотел во одредени периоди „Победа“ ќе го изгради познатиот хотел „Куманово“, кој и денес одолева на времето и неодговорноста на луѓето кон вредностите изградени во овој град во минатото.

Во својот состав Хотел „Куманово“ имаше соби за спиење на кат, простран ресторан на приземјето и летна бавча, одзади. Десно од главниот влез се наоѓаше берберница во кој гостите имаа привилегија бесплатно да ги користат услугите на салонот. Во ресторанот на хотел „Куманово“ се одржувале забави и друг вид пригодни свечености на кои имале право да присуствуваат единствено членови на богати семејства и преставници на власта.

Негови постојани абонирци биле официрите на 22 Пешадиски пук кој бил стациониран во Куманово и други воени лица со семејствата. Во пространата Летна бавча гостуваа оркестри на народна музика и артистички групи.

Инаку сопственикот на овој хотел Васа Поповиќ спаѓаше во кругот на познатите кумановци од тој период со значајна улога во тогашното општствено живеење во градот. Роден е во кумановското село Дренак, во свештеничко семејство. Најпрвин одлучил да ја продолжи семејната традиција. Завршува Богословија во Призрен, а голема желба му беше да го започне свешетеничкиот повик во Америка, меѓу македонското население. Меѓутоа на молба на родителите, Васа не само што не замина преку океанот, туку се откажа и од црковната работа и свештеничкиот повик. Материјално помогнат од родителите (со злато) во 1922 година купува двоспратна зграда од слаб материјал на улица „Крал Петар“ бр. 7 од Расим Абдула Ќеримовиќ, кумановец кој живеел во Скопје, каде ја отвора кафеана „Победа“. Локалот е спроти Државниот конак-Уќуматот, на истоимената улица каде што во 1931 година се гради зградата на Срез Жеглиговски (Околија кумановска), а денес седиште на локалната самоуправа и на Градоначалникот) Додека кафеаната ја дава под закуп, Васа Поповиќ води винарски подрум, во својата семејна куќа, спротива од кафената на истата улица, веднаш до џамијата, како што е и регистриран во тогашните евиденции на Еснафот.

Некаде во 1928 година ја започна изградбата на Хотел „Куманово“ на истото место каде што беше кафеаната „Победа“, а во 1930 година свечено беше даден во употреба. Хотелот „Куманово“ тогаш најрепрезентативниот хотел долго време најпознатиот угостителски објект во Куманово.

Прв закупец на Хотелот „Куманово“ беше хотелиерот и еден од најдобрите угостители во Куманово пред Војната, Стеван Радоњанин Сремац. По него извесен период хотелот го води синот на Васа Поповиќ, Евто Поповиќ, кој исто така се занимавал со угостителска дејност, инаку татко на познатиот македонски интернационален кошаркарски судија и неуропсихијатар по Војната, Свето Поповски. Васа Поповиќ, покрај најстариот Евто, имал уште два сина-Милорад и Драган Поповиќ.

Ова, за тогашни прилики, а во Куманово и за сегашни , репрезентативно здание го проектираше пријателот на Васа Поповиќ, рускиот инжинер Владимир Антонов, кој всушност е и автор на севкупната неокласична архитектура во Куманово. Владимир Антонов, кој како белогрдеец, доаѓа во Куманово , во 1925 година е назначен за општински инженер и за него се сврзани сите работи во општината во доменот на урбаното, комуналното и естетското обликување на градот, пред Војната.

Интересно е дека Васа Поповиќ инвестирал и во домашно производство (Вајсе пиво) на пиво зашто инсталирал опрема во подрумот на својата куќа на улица „11 Октомври“. За ова доаѓал познатиот чешки производител на пиво Вајсер. Сепак оваа активност кусо траеше, а набргу потоа Васа Поповиќ стана акционер на Скопската пиварница.

Во својот есеј, за познатиот кумановски композитор Петар Пешев- Чауш, автор на еден од првите македонски шлагери „Еден бакнеж“, како и „Роден крај“, „Приспивна за Скопје“ и др.,, писателот Звонко Стојановиќ-Хаџипоп ќе овоековечи еден миг од битисувањето на овој хотел:

„...Тоа го насетуваат сите од едно поголемо друштво видни кумановски млади луѓе кои ги красат отменост и префинетост. Тие се од познати кумановски семејства и како знак на својата аристрократска продуховеност-носат бели ешарпи и темникави костуми, особено вечерно време. Се разбира летно време костумите се посветли. А во ист тон се и обрвзните жирадо шешири на нивните глави... Расположени пролетновидно и распеани мајски, тие седат пред тукушто создадената бавча на новиот и модерен хотел „Куманово“.

Одбраното друштво по подамнешно познанство и по исти духовни вкусови пие шприцери со мезе од скара и секокгаш неопходниот разговор во кој главни теми се честите посети на Скопскиот театар, на концерти во скопскиот Официрски дом, од тогашно време и на разговори околу прочитаните книги...“

Димитар Масевски
Авторот е главен уредник на списанието „Корени“