website statistics



Три болни деца со интелектуална пореченот живеат заборавени во сиромаштија среде Куманово

Болни и препуштени сами на себе, без социјална грижа и помош од државата, во трошна куќа која секој момент може да падне живее шестчленото семејство Маринковски во Куманово.

Три болни деца со интелектуална пореченот живеат заборавени во сиромаштија среде Куманово

Со плата од 12.000 Зоран (55) вработен во ЈП „Чистота и зеленило“, едвај го прехранува семејството, а нема доволно пари ни за лекови и сметки за куќата.

Маринковски не примаат социјална помош по ниеден основ за сопругата Магдалена (50) и трите деца: Марија (28), Мерлина (18) и Андреја (12), кои се со интелектуална попреченост, ниту пак детски додаток за Лука (8), кој е ученик во трето одделение во основното училиште „Толи Зордумис“. Тие кажуваат дека во нивниот распаднат и сиромашен дом на улицата „Сава Ковачевиќ“, во близина на Кумановската болница, никогаш не влегол социјален работник, ниту пак некој покажал интерес да им помогне да ги остварат своите права.

„Бев неколку пати во Центарот за социјално, но ми рекоа дека немам право на социјална помош затоа што работам. Земам плата 9.500 денари и плус хранарина, ама 4.500 денари ми одбиваат за кредит. Од она што ќе остане живееме некако. Гледам да има леб за децата, а за друго што ќе стигне. Тешко ми е што не можам да им пружам подобар живот. Девојчињата се болни, а Лука е добар со здравје. Тој оди на училиште, но многу ми жал што го понижуваат таму. Доаѓа дома, плаче, му се смејат децата како е облечен и бара да му дадеме пари да си купи нешто на одмор како другите деца. Му забележуваат дека не се капе редовно, а ние немаме купатило. Се бањаме секоја недела во корито. Не можеме почесто, немаме услови“, вели Зоран, кој има тешкотии во говорот.

Како последица на сиромаштијата и болеста, семејството Маринковски живее во мизерни услови. Во куќата немаат кујна ниту купатило, а вода имаат само во дворот. Се грејат на остатоци од дрва и пластика, што некој им ги дал или ги собирале на депониите. Куќата е стара и трошна, кровот протекува, па парчиња малтер и трска отпаѓаат од плафонот на зачадените соби и можат секој момент некого да повредат.

Соседите кажуваат дека семејството е мирно и повлечено, се обидуваат да се справат со предизвиците на суровиот живот, но тешко им оди. Никој не им помага, па децата и покрај својот хендикеп собираат пластика по контејнерите и хартија по продавниците за да го поправат семејниот буџет. Двете постари девојчиња Марија и Мерлина завршиле средно училиште за деца со посебни потреби, а 12-годишната Андреја не оди на школо. Оскудно облечени, неухранети и валкани, но детски исполнети, тие не можат сами да се грижат за себе, па потребна е синхронизирана помош од сите надлежни институции за некој да не ја злоупотреби нивната болест.

„Како и на други примери од социјалната хроника, и преку примерот на семејството Маринковски се гледа немарноста и на државните и на општинските социјални сектори. При таква машинерија на добро платени административци, Куманово не смее да раскажува вакви тажни приказни и да се потпира на граѓанска милостиња.Со плата на чистач, Зоран не е во можност да ја лекува туберколозата којашто со жена му неодамна ја прележале, а камоли да храни и одгледува четири деца, од кои три се со видливи пречки во развојот“, вели соседот Ивица Алексовски, кој често му помага на семејството и апелира до детскиот правобранител и просветниот инспекторат да ги истражат злоставувањето и дискримацијата по основ на сиромаштија коишто малиот Лука ги доживува во училиштето.

Во Центарот за социјални работи Куманово не се запознаени со случајот, но го повикаа Зоран да отиде кај нив, бидејќи според она што ние им го кажавме, ќе проверат дали постои законска можност мајката и децата да остварат одредени права, пред сѐ постојана парична помош, посебен додаток поради попреченост и детски додаток за децата што одат на училиште.

Освен егзистенцијалните и здравствени проблеми, семејството Маринковски десетина дена остана и без електрична енергија поради неплатен долг за минатата година. Од ЕВН им ја приклучиле струјата, но тие ќе мора да платат 21.000 денари, како дел од насобраниот долг, пред повторно да бидат исклучени или тужени.

Од ЕВН Македонија велат дека иако им излегле во пресрет, бидејќи се работи за ранлива категорија на граѓани, тие не се социјална установа и не можат да го отпишат долгот, па мора да се најде начин да се регулира.

Поради својата неукост, семејството не поднело барање до Центарот за социјални работи за отпис на долговите за струја, па затоа апелира до надлежните и граѓаните да му помогнат да го реши проблемот. Добредојдена е и секоја друга помош за децата во храна, облека, електрични апарати, мебел и градежен матерјал за поправка на куќата, но пред сѐ институционална поддршка.