website statistics



„Кумановска платформа“

Бране Петрушевски

Изнесување во јавноста на разни платформи многу се актуелизира во последниов период. Иако платформите, како своевидни програми на политичките партии, треба да претставуваат некаква основа за меѓусебни преговори и соработка, нивното уценувачко испорачување е веќе застарен модел и концепт на преговарање.

Но, сепак си го прифатив трендот како интересен и во пресрет на локалните избори сметам, ако на некој град му е потребна платформа, тоа е Куманово. Но не разединувачка: етничка, партиска, верска или слична платформа од таков тип, туку обединувачка платформа на сите кумановци. Ама баш на сите, без да клиширам со она: без разлика на етничка, верска, партиска... припадност. Причините за ова се повеќе од очигледни и секојдневно видливи за секој кумановец. Градот во кој сите живееме е доведен до ниво на касаба од поранешните векови: урбанистички загушен, еколошки девастиран, културно деградиран, сообраќајно блокиран... За причините како, кој и зошто овој град го довел до ова „дереџе“ е пишувано, ќе се пишува и може да се пишува до недоглед, но се ќе биде непродуктивно, доколку не се извлечат поуки и не се поправат грешките. Сепак, водејќи се од првичната замисла за една обединувачка кумановска платформа, пред сè во делот - непартиска, овој пат ќе го изоставам критикувањето и покажувањето со прст кон оној (или оние) што ги сметам за виновни.

Во ваквата „кумановска платформа“, која е мој предлог како граѓанин на овој град, а не како кандидат за некаква политичка функција во градот (немам такви амбиции во догледен период), нема да наведувам конкретни проекти од типот, која улица да се асфалтира, каде да се направи водоводна или канализациона мрежа и слично, туку ќе предложам одреден вид на принципи, концепти и визии за кои лично сметам (а се надевам и повеќето кумановци) дека треба да се усвојат (или присвојат) од секоја следна локална власт, што би помогнало овој наш град да излезе од агонијата на бесперспективност и апатија. Во таа смисла предлагам:

- Најголем приоритет да се даде во заштитата на животната средина и екологијата. Првин да започне секој од нас индивидуално да ја вежба и усвојува практиката на заштита на животната средина. Истовремено, да се бара осовременување, реформирање и инвестирање во ЈП Чистота и зеленило, за да ја извршува пред сè, својата статутарна задача. Особено внимание да посвети во оформување на нови зелени површини, како и во одржување и надградување на постојните. Во Куманово да нема место за диви депонии, туку управувањето со отпадот да се реши на еден модерен и европски начин. Решавањето на проблемот со загадувањето и немањето на чист воздух е нешто кон кое треба да се пристапи со огромна сериозност, а не да служи само за политички препукувања. Мора да се направи квалитетна студија за причините и да се направат итни, но и долгорочни мерки за ублажување на оваа загаденост.

- За модерно живеење и опстојување на еден град, неопходно е квалитетно спроведување на урбанистичкото планирање, односно квалитетно и ефикасно решавање на задачите од областа на планирањето и уредувањето на населените места во градот. Во најкраток можен рок е потребно да се донесе реален и издржлив Генерален урбанистички план, пропратен со сите неопходни студии, а со посебен акцент на сообраќајната. Да се воведат и дефинираат вистински урбани блокови за индивидуално и колективно домување (а не да никнуваат згради кој каде ќе посака), согласно кои ќе се планира зеленилото, патната, водоводната и канализационата инфраструктура и сите други урбани потреби. Да не се дозволува измена на овие планови врз база на лични или други побарувања и причини. Тука треба да се опфатат и паралелно да се разрешуваат и проблемите во комуналните дејности: снабдување со квалитетна вода за пиење, третман на отпадните и атмосферските води, изградба реконструкција на локални патишта и улици, паркирање, уредување и одржување на речните корита и сите други дејности од тој тип. Со еден заеднички и сеопфатен договор помеѓу сите општествени чинители, верувам дека е можно приоритетизирање на овие комунални проблеми, напластени низ годините во огромен број и нивно постепено решавање.

- Како посебен дел од платформата сакам да го наведам принципот на поеднаков развој и инвестирање во сите делови на градот, со позитивна дискриминација на недоволно развиените подрачја во општината. Ова мора да се уреди и дефинира со посебни општински акти, кои ќе бидат прифатени со широк консензус и „без разлика на...“ принципот.

- Неопходно е уредување на културниот живот во градот да соодветствува со потребите на граѓаните, напуштајќи го концептот на културата да се восприема само преку „јада“ манифестациите. Битен фактор во модерното живеење е и развојот на рекреативните активности и масовниот спорт, преку организирање на спортски настани и манифестации, за што е потребна и изградба на спортска инфраструктура.

- Итно и приоритетно да се стимулира формирање неформални, па и на формални, кумановски лоби групи и тоа не само од областа на политиката, туку и од стопанството, културата, спортот и сите други области. Во државата, а и по светот егзистираат многу успешни кумановци, кои доколку ја препознаат искреноста во дејствувањето на одредена локална власт, ќе се вложат и во голема мера можат да придонесат во развојот на нашиот град, и тоа во секој сегмент од општественото живеење.

- Да се стимулира заживување на реален и независен, кумановски невладин сектор, кој во голема мера и активно ќе се вклучи во разрешување на овие проблеми во општественото и урбаното живеење во нашиот град, кој ќе биде и доволно способен да излобира странски грантови, исклучиво за реализација на потребните проекти во градот, а не за лично богатење на поединци.

Надлежностите на општината се широки и дефинирањето ваква платформа го надминува форматот на една колумна. Веќе наведов дека ова се само концепти и визии кои нормално бараат и своја креативна и стручна обработка и доработка. Но, со сета своја скромност и маленкост, се одважив и оваа „кумановска платформа“ ја ставам на јавен увид, за секаков вид на критика.

Бране Петрушевски - член на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*