website statistics



Меѓународната арбитража носи само придобивки

Зоран Андоновски

„Во нашата држава, доверителот секогаш се наоѓа во нерамноправна положба во однос на должникот. Дури и Законот за финансиска дисциплина не ја исполни својата цел да ги дисциплинира должниците. Зошто македонското стопанство во освојување на новите странски пазари треба да ја користи меѓународната арбитража, која носи само придобивки. Арбитражниот суд за многу кус период донесува одлука, која може да се изврши лесно и едноставно и допрва ќе заживее во Македонија„, -вели адвокатот Зоран Андоновски (37) од Куманово, кој е избран за судија во Меѓународен трговски арбитражен суд во Софија.

Вие сте првиот Македонец, кој е избран за судија во Меѓународен трговски арбитражен суд во Софија.За каков суд станува збор ?

Да, јас сум првиот Mакедонец кој е избран за меѓународен арбитар при Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, кој е дел од Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р.Бугарија. Организацијата на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, како и статусот на арбитрите кои постапуваат по предмети пред ова меѓународна трговска арбитража е одредена со Уставот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија. Во судот има доста професионалци, кои одговорно се справуваат со предизвиците кои со себе ги носи меѓународната арбитража, почнувајќи од Секретаријатот на Судот, па до Претседателот на судот г-ѓата Марија Јанева од Софија Р.Бугарија, која не е само Претседател на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, туку истата е меѓународен арбитар при Московскиот арбитражен суд на Руската Федерација и Претседател на Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р.Бугарија.

Која е функцијата на овој суд ?

Се почесто во последно време сме сведоци да се става акцент на алтернативно решавање на споровите. Една од алтернативите за решавање на споровите преставува и меѓународна трговска арбитража.Меѓународната трговска арбитража како современ правен институт, преставува алатка која станува достапна во секое современо општество.Токму меѓународната трговска арбитража е тоа што е неопходно, како би можело брзо, едноставно и без поголеми оптоварувања и трошоци да се надминат ситуациите со кои се соочува конкретно стопанскиот сектор при извршувањето на своте редовни работи и работни задачи, а особено при исполнувањето на редовните права и обврски кои за истите произлегуваат од склучувањето на Договори со меѓународен елемент. Тука веднаш и граѓаните и бизнис заедницата ќе го постават прашањето зошто би ја избрале арбитражата ? Меѓународната арбитража во општество какво што е нашето веќе претставува неопходна и повеќе од потребна алатка, за да се заштеди беспотребно потрошено време, потрошени пари и долги парничења кои би траеле во недоглед.Постапката пред пред меѓународната арбитража, трае релативно кратко, а одлуката не подлежи ниту на редовни, нити на вонредни правни лекови, а одлуката на Арбитражниот Суд согласно Њујоршката конвеција, се потврдува на територијата на секоја земја која ја има потпишано и ратификувано предметната конвенција, меѓу кои е и Р.Македонија и истата како извршна исправа може да се реализира без создавање на непотребни судски трошоци. Во држава како што е нашата, доверителот секогаш се наоѓа во нерамноправна положба во однос на должникот. Дури и Законот за финансиска дисциплина, кој беше донесен од страна на Собранието на РМ, не успеа да ја исполни својата цел и да ги дисциплинира должниците во извршувањето на своите обврски кон доверителите, иако овој закон содржи грст прекршочни и казнени одредби. Зошто македонското стопанство во реализација на својата цел освојување на нови странски пазари, да не ја користи меѓународната арбитража, која може само да и донесе придобвки. Нема повеќе водење на судски постапки во недоглед, нема враќање на предметите на повторно постапување, туку со изнесување на предметот пред арбитражниот совет на Арбитражниот суд, арбитражниот совет за многу кус период донесува одлука, која може да се изврши лесно и едноставно. Затоа сметам дека меѓународната арбитража допрва ќе заживее во РМ, а страните се почесто ќе ја користат во свој интерес. За илустрација Постојаниот избран суд-Арбитражата при Стопанската Комора на РМ, во 2016 година имала само 10 предмети, додека бројката на предмети по кои постапувал Меѓународниот трговски арбитражен суд со седиште во Софија, Р.Бугарија, е далеку поголема што значи да и граѓаните и бизнис заедницата во Р.Бугарија, ги имаат сфатено придобивките кои ги нуди меѓународната арбитража. Во меѓународната арбитража многу битен елемент играат и трошоците, па имаме многу скапи арбитражи како што се Лондонската, Париската, кои трошоци се оптоварување за страните, меѓутоа Меѓународниот трговски арбитражен суд со седиште во Софија, Р.Бугарија, својата тарифа ја има ускладено со можностите кои можат да си ги приуштат договорните страни, па затоа заинтересираноста за Арбитражниот суд каде јас сум арбитар се зголемува од ден во ден.

Кои се надлежностите на судот и на какви спорови работи ? За кои дела решава ?

Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, има надлежност да постапува и решава граѓански и трговски имотни спорови, во рамките на дозволената надлежност со Граѓанскиот процесуален кодекс на Р.Бугарија, вклучително и спорови со интелектуална сопственост, спорови за пополнување на правни празнини во договори и спогодби, склучени помеѓу субјекти на приватното право, или нивното прилагодување кон новонастанати околности, независно од тоа дали седиштето или местоживеењето на едната или двете странки е во Р.Бугарија или надвор од неа. Надлежноста на судот се утврдува врз основа на арбитражна клаузула, која треба задолжително да ја содржи секој Договор помеѓу разни субјекти на приватното право, а исто така надлежноста може да биде утврдена со склучување на посебна спогодба помеѓу договорните страни кои со потпишување даваат согласност да доколку дојде до спор согласни се да спорот биде разрешен пред Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија. Арбитражната клаузула со која се дава надлежност за постапување на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, гласи:„Сите можни спорови, кои ќе произлезат од склучувањето на предметниот Договор, договорните страни се согласни да бидат решавани од страна на Софискиот арбитражен суд при Здружението „Меѓународна Асоцијација за правда и арбитража“ на Р.Бугарија, со седиште во Софија, согласно Правилникот на Софискиот Арбитражен суд при Здружението „Меѓународна Асоцијација за правда и арбитража“ на Р.Бугарија„. Според чл.2 ст.4 од Правилникот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, се смета да постои писмена арбитражна спогодба и тогаш кога тужителот поднесе тужба до Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, а тужениот писмено или со изјава одбележана во записникот на арбитражната расправа, прифати спорот да се решава од  Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, или изврши после него дејствие, насочено кон решавање на спорот во суштина, без да ја оспорува надлежноста на Арбитражниот суд. Според чл.2 ст.5 од Правилникот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, се смета дека постои писмена арбитражна спогодба и кога тужителот поднесе тужба до Арбитражниот суд, а тужениот не ја оспори во рокот за одговор на тужба надлежноста на Арбитражниот суд.

Кој може да побара помош ?

Согласно Правилникот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, помош можат да побараат односно до судот можат да се обратат сите учесници во граѓанските и трговските имотни спорови, учесниците во споровите за интелектуална сопственост, како и сите останати субјекти на меѓународното приватно право (тука особено мислам на секое физичко и правно лице) кое има интерес од тоа, меѓутоа за да било која страна се обрати до нас како суд ние треба да имаме надлежност за постапување по конкретен предмет, а надлежноста се утврдува како што кажав погоре со вметнување на арбитражна клаузула во поедини договори кои треба да ја прифатат и двете договорни страни или со склучување на посебна арбитражна спогодба со која потписниците на истата се согласуваат да сите спорови кои ќе произлезат од работењето помеѓу истите бидат дадени на разрешување пред Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија.

Колку чини тужба во овој суд ? Дали е поскапо или поефтино во однос на нашите судови ?

Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, постапува врз основа на усвоената Тарифа за арбитражни такси и трошоци во врска со постапките кои се предмет на разгледување пред овој суд, каде во одредбата од ст. 2 е утврдена висината на арбитражната такса која се определува во зависност од вредноста на предметот на спорот, меѓутоа она што можам да го кажам да станува збор за доста квалитетна и исплатлива арбитража, која ако се направи паралела со Поостојаниот избран суд-Арбитража при Стопанска Комора на РМ, ќе се дојде до податок да наградата за арбитар поединец во спорови до 10.000 ЕУР изнесува 450 ЕУР, додека во Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, наградата за арбитар поединец во спорови до 12.500 ЕУР изнесува 125 ЕУР, па затоа во последно време овој суд станува конкурентен со доста поскапите арбитражни судови како што се во Париз, Лондон, Женева и др. и луѓето се почесто го избираат и му даваат доверба за постапување на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија.

Колку е ефикасен судот. Колку е потребно да се заврши една постапка?

Станува збор за доста ефикасен и мошне организиран суд, која организација е определена со Уставот на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија. Постојат два вида на дела едните со вредност до 12.500 ЕУР во кои постапува арбитар поединец каде  роковите се скратени и овие постапки релативно брзо се завршуваат без да го надминат интервалот од 3 (три) месеци. Во останатите постапки во спорови над 12.500 ЕУР, постапува арбитражен совет од тројца арбитри, со можност едната страна да го именува едниот арбитер, другата страна другиот, а Претседателот на судот го именува третиот арбитер, кои спорот го решаваат исклучиво на доказите кои ги доставиле странкие, со можност да и судот прибави докази доколку се неопходни за решавање на спорот, меѓутоа и во овој случај ефикасноста на судот е на многу високо ниво, затоа што одлучувањето по поединечен предмет не смее да го надмине интервалот од 6 (шест) месеци, од  моментот кога тужителот ја има предадено тужбата до арбитражниот суд, со обврска да сите арбитражни такси и депозити од страна на страните учесници во постапката се платени на време.

Колку време работи овој суд и дали има сличен во регионот ?

Ова е рeлативно млад и нов суд, кој со својата стручност и професионалност, како на Секретаријатот на судот, така и на арбитрите кои постапуваат и Претседателот на судот се наметна и стана многу конкурентен на овој дел од Балканот, па можам слободно да кажам и во Европа, а причината за тоа покрај независноста и самостојноста на арбитрите при одлучувањето кои задолжително пред отпочнување на секој процес имаат обврска да достават изјава во вид на декларација, дека не постојат околности кои би можеле да предизвикаат сомнежи во постапувањето на секој поединечен арбитер, претставува и фактот да станува збор за доста финансиски исплатлива арбитража во овој дел во Европа, па затоа во последно време овој суд станува конкурентен со доста поскапите арбитражни судови како што се во Париз, Лондон, Женева и др.

Признаени ли се пресудите во Р.Македонија ?

Согласно чл.4 од Њујоршката конвенција за признавање и допуштање на извршување на арбитражните одлуки од 10.06.1958 година, која е ратификувана од РМ, со што станала и дел од домашниот правен поредок е предвидено да секоја договорна држава ќе ја признае силата на арбитражната пресуда и ќе го прими нејзиното извршување сообразно процедуралните правила кои се применуваат на територијата каде се бара признавањето и извршувањето под условите наведени во ова конвенција. За признавање и извршување на арбитражните пресуди за кои се применува ова Конвенција, нема да се воведуваат значајно построги услови или значајно повисоки судски такси од оние кои се важечки за признавање и извршување на национални арбитражни пресуди. Со еден збор Пресудата на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, првин се признава пред нашите судови, по што истата може да се извршува на територија на РМ, во согласност со одредбите од Њујоршката конвенција за признавање и допуштање на извршување на арбитражните одлуки од 10.06.1958 година.

Имате ли клиенти од нашата земја и кои најчесто се одлучуваат да побараат Ваша помош ?

Во документите на судот се уште немаме регистрирано правен субјект, односно субјект на меѓународното приватно право кој иницирал постапка пред судот што значи да до овој момент се уште нема ниту тужител ниту тужен од Р.Македонија. Меѓутоа секојдневно помош бараат многу луѓе и субјекти, каде од ден на ден во договорите се повеќе и повеќе страните на тие договори утврдуваат надлежност и доверба даваат на нашиот суд.Со ова сметам дека и во РМ почнува да се развива правната свест и култура и во 90% учесниците во постапките се во тенденција да редовните судови ги заменат со арбитражните судови кои доста ефикасно и стручно си ја вршат работата за која основани и имаат надлежност за постапување.

Како дојдовте на таа позиција, бевте поканети или аплициравте на конкурс ?

За изборот на меѓународен арбитар при Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија, бев поканет од страна на г-ѓата Марија Јанева од Софија, инаку Претседател на Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија и Претседател на Меѓународната асоцијација за правда и арбитража на Р.Бугарија, чија покана за мене претставуваше вреднување на се што досега имам постигнато како адвокат во РМ особено во поглед на корпоративното право, по што аплицирав на објавен конкурс каде бев избран, пред скоро време дадов свечена заклетва и почнав да ја извршувам функцијата меѓународен арбитар при Меѓународниот трговски арбитражен суд во Софија.

Што значи за Вас како млад адвокат и правник да работите и градите меѓународна кариера ?

Значењето за градење на меѓународна кариаера првенствено преставува фактот што Р.Бугарија е членка на ЕУ, каде правната регулатива е на многу завидно ниво, тие дури имаат направен реформа на граганското законодавство за кое нешто говори и фактот да истите имаат донесен Граѓански процесуален кодекс кој содржи 303 страници, кој има претрпено незначителни измени во кој кодекс ги имаат уредено сите правни состојби во граѓанската материја. Предизвикот да станам арбитар во овој суд преставуваше фактот што станува за меѓународна трговска арбитража каде доаѓаат предмети од територијата на цела Европска Унија, а да не го заборавам фактот што во наредниот период постапувајќи како арбитер на овој суд ќе можам да ја реализирам желбата за професионално усовршување надвор од границите на РМ. Предизвикот беше и што овој суд преставува независна меѓународна трговска арбитража, во чие постапување арбитрите се водат од доказите кои страните ги изнесат пред арбитражниот совет, кои докази подлежат на проверка од страна на арбитражниот совет.