website statistics



Кумановските уметници секогаш биле авангарда во Македонија

Мирослав Петковиќ

Интервју Мирослав Петковиќ, актер

Што не ви се допаѓа во Куманово?

Не ми се допаѓа тоа што “Чваркијада“ и “Празијада“ се во ранг на ,,културни настани,, а вистинските културни настани се се помалку посетени, но еве оваа година вистинските љубители имаат прилика да го посетат театарот бидејќи има што да се види. Не ми се допаѓа што нема кумановци во македонските репрезентации во кошарка, ракомет и фудбал и не ми се допаѓа што не знаеме да го сочуваме тоа што е вистинска традиција на Куманово.

Што би смениле во градот?

Кога би можел би им дал повеќе шанса на младите уметници од Куманово, затоа што добро е познато дека кумановските уметници секогаш биле авангарда на уметничките движења во Македонија и секако би сакал кумановските спортисти да имаат барем минимални услови за спортување.

Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во Куманово?

Секогаш моите гости ги носам на кошаркарски натпревар бидејќи таму секогаш има добра атмосфера и нормално не испуштам прилика да ги однесам во кумановскиот театар и кумановските кафеани. Ги носам во црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане. Тоа е црква каде на икони се претставени глумци и таму ги носам глумците од Македонија кога ќе ми дојдат на гости. Исто така ги водам и во црквата Свети Никола во Куманово,  каде има збирка на икони од околните цркви. Има навистина убава збирка на икони кои се од 12 и 13 век. За релаксација гостите ги шетам во Стрновац и Пелинце.

Што не би покажале на пријател кој прв пат доаѓа во Куманово?

Не би му ги покажал ,, Пионерскиот дом,, и познатото кино “Напредок,,. Тоа се два објекта за кои највеќе сум разочаран што се во таква состојба во каква се, бидејќи добро знам дека тоа беа места за развивање и острење на детската креација и имагинација. Не би ги покажал автобуската и железничката станица во Куманово.

По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

Дефинитивно сме најгостољубиви, најведри и имаме најспецифичен менталитет, а и не треба да се заборави дека најголемите битки низ историјата се започнувани и завршувани во Куманово и кумановската околина.  Познати сме по специјалитетот мезалк. Познати сме и по фестивалот Денови на комедија кој е најпосетен фестивал од ваков тип во државата.