website statistics



Имаме хроничен недостаток на култура

Тамара Лазаревска

Интервју Тамара Лазаревска, студент на правни науки при Правниот факултет во Скопје и младински активист при Центарот за Интеркултурен Дијалог

Што би смениле во градот?

Видете, и покрај фактот што секогаш можеме да ги наведеме работите кои не ни се допаѓаат , аналогно не значи дека секогаш проблемот лежи таму каде што народот обожава да го посочува. Јас верувам дека промената секогаш апсолутно, започнува во нас. Имаме хроничен недостаток на култура. Улична, сообраќајна, лична - именувајте ја како сакате. Сум била сведок на сквернавења на тукушто поставени клупи во паркови, канти за отпадоци, сообраќајни знаци, шкртања по туѓи сопствености и нивно соодветно со време уништување.Тоа зависи од индивидуалната култура или да го дефинирам како однесување под влијание на други. Поттик, свежа крв, поголем младински активизам и ентузијам е она што му недостасува на градот. Во последната година бевме сведоци на фактот дека младината, студентите и средношколците претставуваат движечка сила во секое нормално општество. Нив мора да ги храниме, на образовен,спортски и културен план, константно да инвестираме во подобрување на нивните капацитети и пред се, да дадеме шанса за поголема инклузија и да веруваме во иднината на државата, која токму поради недостатокот на истиве работи, својата воопшто не ја гледа дома. Апелирам за повеќе активности и можности за нагласување на нивната, нашата суштински важна улога, круцијални за веќе докажаната критичка мисла на македонскиот млад човек, затоа што не можете да го обвинувате зошто иднината ја бара надвор, оставајќи се зад себе ако нема доволно можности за изразување на својот потенцијал и соодветна професионална реализација.

Што не ви се допаѓа во Куманово?

Искрено, многу работи. Пред се, како главен проблем би ја нагласила хигиената. Хроничен, субјективен проблем од кој што започнуваат последователно и многу други. Живеам во централното градско подрачје, улиците сеуште не се доасфалтирани. Хиперпродукција на згради, скоро на секој чекор за чие настанување се бришат зелени површини, кои можеби се последната надеж за консеквенците од глобалното затоплување. Недоволна грижа за она што веќе е постоечко, она во што се вложува и уништување на истото од индивидуалци, од непознати камоли пак доволно добри причини. Не ми се допаѓа статус квото, на културен и спортски план. Можноста да отидам на добра свирка, да слушнам квалитетен бенд кој ќе гостува и топло добредојде за кумановските односно во целина македонски артисти со недоволно посветено внимание и пружена шанса. Имам прилика да слушам од моите родители за едни поинакви времиња,за ЕКВ во клубот Ариел, Електрични оргазам, Дино Дворник ил Денис и Денис. Не велам дека не треба да ги следиме трендовите, велам да го цениме квалитетот. Ретко кој знае да го препознае. Животот се движи по права линија тука, знаете. Сметам дека се уште не поседуваме доволно соодветни места за да кумановчани ги искажат своите потенцијали. Недостаток на спортски центри, младински културни центри, фестивали и манифестации. Недоволната информираност за истите, играат суштинска улога за да луѓето пронајдат истомисленици и да се организираат по некое прашање кое можеби би успеале да го променат, ако посветат ангажман и имаат добра волја. Премногу затворени погледи, спречени за нови радости од традиционални убедувања. Што да кажам за базенот во Проевце, Старата бања посетувана од луѓе ширум Југославија? Што да кажам за кумановските храмови на спортот, велелепната Спортска сала изградена по протести кои траеле со денови на отсекогаш жестокиот по прашање на спортска култура, кумановски човек и стадионот, оставен да пропаѓа на забот на времето за кој моите, постари соседи со солзи во очите, се сеќаваат на времето и едно поинакво,посреќно, а мое родно Куманово.

Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во Куманово?

Првото кафе би го испиле заедно во кумановскиот Гарнизон. Агора, во Кјуб, во Кашмир. Уживајќи репутација меѓу младите и секако постарите, фактот што истите локали со години опстојуваат, претставува доказ дека добро си ја познаваат својата работа. Кумановски мезал’к,чкембе чорба – традиционални специјалитети од кумановскиот регион и соодветно за тоа, општо познатите Баба Цана,Фрателис Визиана и Етно село, пропратени со звукот на кумановската тамбура и ‘’Мојата серенада’’.Неколку квалитетни градски ресторани, со фина храна и убав амбиент. Споменикот на Батко Ѓорѓија, за многумина персонификација на денешните кумановци. Со оглед на музичките преференци, ноќниот живот - според гостите што имале прилика да дојдат, може да ги задоволи глобалните вкусови. Но, секогаш има место за подобрување и една попривлечна агенда, поинаква агенда и нов дух во градскиот живот. Македонија изобилува со места за духовен мир, полнење батерии во природа во комбинација со историски знаменитости. Во Куманово би ги одвела во манастирот Св.Ѓорѓи во општина Ст.Нагоричане – кумановски пандан на Византиската ера, локалитетот Костоперска карпа и неминовната мегалитска опсерваторија Кокино, според НАСА рангирана на четврто место во светот по староста. Ако гостите се поавантуристички настроени, би предложила планинарење по околните планини, offroad велосипедизам, лов и риболов по течението на реката Пчиња и Бислимската клисура.

Што не би покажале на пријател кој прв пат доаѓа во градот?

Не би посакала пријателот да доаѓа со автобус, евентуално воз. Околината која на прв поглед би го пречекала, на прва истанца би му создала лошо мислење за градов, сосема оправдано. Неминовно би било да се помине низ центарот на градот, а да не не затекнат диви, самокреирани депонии. Пак ќе нагласам, соодветен менталитет и култура тоа не би го дозволиле. Кејот на реката Кумановка, финализиран пред неколку години, пропаѓа поради негрижа на  самите кумановчани. Несоодветно третирање на отпадот, како од луѓето така и за нивните миленици. Детскиот мини луна парк, пропаѓа поради негрижа.

По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

Прашувате човек што и покрај се, го обожава својот град. Менталитетот, на прв поглед упадлив по кумановскиот дијалект, кој кумановчани верно го негуваат секаде каде што ќе се појават, верувам дека е и наше најсилно обележје, како дијалект признат во македонскиот литературен јазик со што се гордееме и сме добри амбасадори на истиот. Кумановскиот човек е боем, мераклија на добра храна, добра пијачка и секако, не можете да побегнете од типичниот хумор кој ќе ве дочека, подготвени илi не, на секој чекор. Можеби не можеме да кажеме дека во ова модерно и стресно време за живеење, боемштината во иста нијанса се негува како некогаш, но секако ќе ги сретнете нејзините трагови во Куманово. Кафаната отсекогаш претставувала ‘’институција’’,во која посетителите во придружба на доволно алкохол, се обидуваат да ги решат сите политички прашања кои ја мачат оваа нација. Мојата прабаба играла во првиот ракометен клуб во Куманово, а дел од роднините и соседите во ‘’Искра Куманово’’, така да почитувањето на физичката култура во градот отсекогаш била повеќе од симпатија. Куманово многупати е прогласувано за кошаркарски град, со посетеност на трибините веднаш по великани како Партизан, Задар, Звезда, а спортот не наидува на одлични успеси деновиве, на големо разочарување на кумановската публика.Таа отсекогаш била вљубеник во спортот со потполно оправдување од страна на нејзините момчиња. Од 1519,под векови под ова сонце широко,покрај забот на времето, Куманово продолжува кумановски да живее.